Во просториите на ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ Куманово се одржа презентација на тема „Безбедна работа со трактор и приклучни машини“. На презентацијата присуствуваа наставници од средни училишта со земјоделско-ветеринарна струка од Р.С. Македонија, наставници од ДСУ – РЦСОО „Киро Бурназ“, претставници од компании со кои училиштето соработува, претставници од Авто Македонија, претставници од авто-школи, од локалната самоуправа и земјоделски производители.
Проф. д-р Драги Таневски изврши презентација на Европската програма за „Безбедна работа со трактор и приклучни машини“, при што беа опфатени повеќе целини:
– европски стандарди и регулативи за безбедност при работа во земјоделството;
– основи на безбедно управување со трактори и приклучна механизација;
– ризици, најчести повреди и превентивни мерки;
– примена на лична заштитна опрема;
– модели за обука и препораки за интегрирање на програмата во наставниот процес;
– практични примери и искуства од земјите-членки на ЕУ.
Презентацијата беше проследена со професионално изработени материјали и визуелни примери, што придонесе за јасно претставување на клучните аспекти од програмата.
Во вториот дел од настанот, од страна на училиштето беше презентирана Иницијатива за измена на законската регулатива на тема: „Намалување на старосната граница за стекнување дозвола за управување со трактор (категорија F) од 17 на 16 години“, со цел учениците во земјоделско-ветеринарна и машинска струка (на возраст 16–17 години) да можат самостојно да управуваат со трактор.



