Во период од 25-27 септември 2024 година во просториите на ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ се одржа завршна работилница во рамки на истражувачкиот проект UNESCO/UNEVOC Bridging Innovation and Learning in TVET – Градење мостови меѓу иновации и учење во техничко стручно образование и обука.
Идејата за проектот настана како резултат на взаемната иницијатива на Секторот за вмрежување и соработка на ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ од Куманово и Школски Центар Нова Горица од Република Словенија согласно меморандумот за соработка помеѓу двете институции. Заедничката иницијатива беше препознаена и поддржана од UNESCO/UNEVOC мрежата за стручно образование и обука преку проектот BILT (Bridging Innovation and Learning in TVET) развиен под покровителство на Германскиот институт за стручно образование и обука (BIBB) и Германското федерално министерство за образование и истражување.
Овој проект му овозможи на Секторот за развој, истражување и иновации при ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ ексклузивно право да ја употреби онлајн алатката за саморефлексија (Self-Reflection Tool – SRT) за истражување на капацитетите на институциите за стручно образование и обука во идентификација на клучни вештини и компетенции согласно потребите на пазарот на трудот и нивна интеграција и имплементација во наставните програми, теоретската настава и практичната обука.
На работилницата присуствуваа Felister Waniaga Munyi претставник на UNESCO/UNEVOC од Бон, Германија, Адријана Ходак и Тјаша Петелин Бачар преставнички на Школски Центар Нова Горица од Република Словенија, како и претставници од сите истражувачки групи вклучени во проектот: надворешни соработници од приватниот и јавниот сектор (компании со кои ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ соработува во учење преку работа, претставници од Министерство за образование и наука, Центар за стручно образование, Центар за образование на возрасни, подрачна единица на Агенција за вработување и претставник на Образование за вработување Е4Е – Хелветас проектот кој е значаен поддржувач на развојот на регионалните центри за стручно образование и обука), претставници на училишниот менаџмент, наставници и ученици.
Во рамки на работилницата беа презентирани резултатите на спроведените истражувања преку анкетите, дискусија и анализа на силните страни и можностите, при што беа изработени два клучни документи кои произлегуваат од овој проект: Анализа на силни страни и можности и Акционен план за спроведување на активностите. Овие документи ќе послужат како основа за понатомошен развој на капацитетите на ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ во насока на создавање на подобар еко-систем на вештини и компетенции на релација образовна институција за стручно образование и обука – пазар на труд.