Прва размена на ученици и наставници во рамки на проектот СУПЕРУЧИЛИШТА 2025

Проектот СУПЕРУЧИЛИШТА финансиран и поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (RYCO) се реализира со партнерска соработка помеѓу Државно средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ од Куманово и Угоститељско-прехранбена школа Чачак, Република Србија. Размената се гради врз успехот на претходниот проект на Суперучилиштата и ја продлабочува соработката меѓу учениците и наставниците од двете образовни институции. Оваа година, проектот се фокусира на помирување, градење мир и меѓукултурен дијалог користејќи ја храната како универзален поврзувач. Под темата „Споделување оброк – обликување на иднината“, учениците ја истражуваа културата, историјата и идентитетот на народите од Балканот преку кулинарските традиции.

Во рамките на првата размена организирана во период од 24 – 29 Ноември 2025 година, домаќин беше ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ од Куманово, а учество земаа 15 ученика и 2 наставника од ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ и 15 ученика и 2 наставника од Угоститељско-прехранбена школа Чачак.

Активностите вклучуваа меѓукултурни работилници за готвење, кругови за раскажување приказни, креирање рецепти, теренски посети и колаборативни проекти како што е дигиталната готвачка книга „Вкусот на Балканот“. Исто така учениците имаа можност да учествуваат и на работилници за личен и социјален идентитет, активно и емпатично слушање и зборување, стилови за решавање на конфликти и квизови на знаења од областа на кулинарство, историја, географија и социјалниот живот на нашите простори. Покрај задолжителните активности, учениците имаа можност да се запознаат и стекнат нови пријателства со своите врсници од Србија. Настанот помина во извонредна позитивна атмосфера, на големо задоволство на сите учесници и дава значајна промоција на младинското лидерство и моделирање на соживотот низ разликите.