Меѓународна конференција „Интернационализација на стручната извонредност – Да се направи извонредноста значајна за сите ученици“ Европска Тренинг Фондација – 12-13 Март 2025 година, Торино, Италија

Од 12 до 13 март 2025 година во Торино, Италија се одржа Конференција со наслов: „Интернационализација на стручната извонредност – Да се направи извонредноста значајна за сите ученици“ како дел од проектот финансиран од ЕУ што Европската Тренинг Фондација го спроведува во име на Европската Комисијата.

На конференцијата беа поканети повеќе од 100 клучни чинители во стручното образование и обука (претставници на Европската комисија, Министерства за образование, бројни организации и асоцијации за стручно образование како ETF, UNESCO/UNEVOC, EVTA, EfVET, EVBB, EURASHE, EUCEN, EUproVET, SERP, CEDEFOR, како и претставници на регионалните центри за стручна извонредност на земјите членки на Европската мрежа за извонредност. На конференцијата активно учество зема и ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ од Куманово со свој претставник – раководителот на Секторот за вмрежување и меѓународна соработка.

Целта на конференцијата беше да ги презентира новините, алатките и услугите за поддршка во областа на стручната извонредност. Признавајќи дека стручната извонредност е колективен напор, конференцијата обезбеди можности за дискусија и интеракција, ангажирање со експерти, споделување сознанија и соработка во обликувањето на иднината на стручната извонредност. Во свет кој брзо се менува, реформите во стручното образование и обука стануваат исклучително значајни. Иницијативата на Унијата на вештини се фокусира на инвестиции, доживотно учење и препознавање на вештини за подобрување на конкурентноста и надминување на неусогласеноста на стручните вештини и компетенции во ЕУ. Конференцијата се фокусираше на можностите Центрите на Професионалната Извонредност (CoVEs) да учествуваат во овие реформи и да придонесат во исполнување на барањата на пазарот на трудот.