Лидерите во образованието и гласовите на младите се обединија во Златибор на Образовната конференцијата на Суперучилишта 2026.
Како дел од 4-тиот отворен повик на програмата „Суперучилишта“, Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) собра повеќе од 100 млади луѓе од целиот Западен Балкан на Младинскиот камп „Суперучилишта“ 2026, што се одржа во од 14 до 19 мај во Златибор, Србија. Истовремено, на истата локација, од 17 до 19 мај беше организирана Образовна конференција на Суперучилишта наменета за едукаторите, институционалните претставници, носителите на одлуки и клучните засегнати страни од целиот Западен Балкан. Честа да го претставуваат ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ ја имаа ученичката Калина Аргировска и менторот и координатор на проектот Зоран Апостоловски.
Надоградувајќи се на пет години од проектот Суперучилишта и една деценија работа на RYCO во поттикнувањето на регионалната соработка, Младинскиот камп служеше како раздвижен простор каде што младите луѓе можеа да се поврзат, да развиваат животни вештини и од прва рака да ја доживеат моќта на меѓукултурниот дијалог и соработка, додека Конференцијата создаде простор за вмрежување, создавање нови партнерства, како и размена на искуства и дијалог насочен кон иднината за улогата на образованието во унапредување на помирувањето, меѓукултурното разбирање и регионалната соработка
„Суперучилишта“ е програма за училишни размени во Западен Балкан. Нејзините цели се да поддржат градење мир, помирување и меѓукултурно учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. Програмата е дел од повеќедонаторскиот проект „Шема за училишна размена во Западен Балкан“, кофинансиран од Европската Унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ), а имплементиран од Германското здружение за меѓународна соработка (GIZ) заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).







